
Со почетокот на новата година, Бугарија официјално ја замени националната валута со еврото, станувајќи 21-ва земја членка на еврозоната. Потегот ја проширува валутната унија на повеќе од 350 милиони корисници низ Европа и доаѓа две години по приклучувањето на Хрватска.
Од Европската централна банка пристигна поддршка за одлуката. Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, оцени дека воведувањето на еврото ја зајакнува европската кохезија и претставува доказ за способноста на Унијата да дејствува заеднички во услови на глобална неизвесност.
Бугарија, која е членка на Европската Унија од 2007 година, со ова практично го заокружува процесот на економска интеграција. По нејзиниот влез, надвор од еврозоната остануваат уште шест земји членки на ЕУ – Шведска, Полска, Чешка, Унгарија, Романија и Данска.
Сепак, домашната јавност не е едногласна. Претседателот Румен Радев во новогодишното обраќање порача дека преминот на еврото е значаен чекор, но изрази незадоволство што граѓаните немале можност да се изјаснат на референдум. Според него, протестите што се одржаа во повеќе градови се показател за длабока недоверба меѓу институциите и населението. Податоците од последната анкета на Евробарометар покажуваат дека речиси половина од бугарските граѓани не го поддржувале воведувањето на заедничката европска валута.
Практичната примена на новиот монетарен систем не помина без проблеми. Дел од трговците и малите бизниси се пожалија на доцнење или недостиг на почетни количини евра, додека банките предупредија дека во првите денови може да има застои при плаќањата со картички и подигањето готовина од банкоматите.



























