Бројот на жртви од пожарот во Домот за стари лица во Тузла се искачи на 13, откако синоќа почина уште една пациентка хоспитализирана со тешки повреди.
По пожарот, во УКЦ Тузла се хоспитализирани 30 лица, а во моментов на лекување се 13 пациенти, од кои тројца се на Клиниката за анестезиологија и реанимација (еден на респиратор), шест на Клиниката за белодробни заболувања, три на Клиниката за интерни болести и еден на Клиниката за урологија.
Обдукцијата на 11 од жртвите покажала дека смртта е последица на задушување, а телото на едно лице било зафатено од огнот. Истражната комисија открила бројни пропусти: неподвижните лица биле сместени на највисоките катови, персоналот бил само тричлен за 185 корисници, а се истражуваат и финансиското работење и управувањето со установата. Директорот на Домот поднесе оставка, а причината за пожарот сè уште не е утврдена.























