
Лидерот на Демократската партија на Албанија, Сали Бериша, изјави дека премиерот Еди Рама ќе добие „јасна лекција од граѓаните“ за време на масовниот протест што опозицијата ќе го одржи утревечер пред зградата на Владата во Тирана.
На денешната редовна прес-конференција, Бериша порача дека протестот ќе биде силна порака против актуелната власт и директно го повика Рама да остане во својата канцеларија за време на протестот.
„Ќе ѝ одржиме лекција на Владата каква што заслужува. Граѓаните ќе ѝ одржат силна лекција. Нека остане во канцеларија, нека влезе и нека остане таму“, изјави Бериша, користејќи остар и провокативен речник.
Тој додаде дека, според него, премиерот Рама се наоѓа во „црвен круг“ и дека опозицијата, заедно со граѓаните, ќе успее да ја собори актуелната власт. Бериша најави и прекин на соработката со, како што ја нарече, „нарко-мнозинството“, посочувајќи дека опозициските партии ќе формираат сопствени комисии за територијална и изборна реформа.
Демократската партија моментално располага со 50 пратенички места во албанскиот парламент, кој брои вкупно 140 пратеници. Протестот е поддржан и од Партијата на слободата на поранешниот претседател Илир Мета, кој се наоѓа во притвор.



























