Албанскиот парламент го усвои предлог-законот за родова еднаквост со 77 гласа „за“ и 36 „против“, по бурни дебати и реакции од различни политички страни, објави агенцијата Anadolu.
Законот го дефинира родот како улоги и однесувања кои општеството ги смета за соодветни за жени и мажи и има за цел да обезбеди еднаквост во сите области на јавниот и приватниот живот. Според властите, законот гарантира еднаков третман без оглед на полот, преку заштита, еднакви можности за користење на права и услуги, учество и застапеност во општествениот живот.
Законот предизвика протести и критики, особено од опозициската Демократска партија, која тврди дека законот е „антинационален“ и го загрозува семејството и традицијата. Премиерот Еди Рама го оцени законот како „високо морален“ и во согласност со принципите на Европската унија за родова еднаквост и недискриминација.
Покрај ова, парламентот го одби предлогот за формирање истражна комисија за смена на претседателот Бајрам Бегај, по иницијатива на Демократската партија.























