Албанија денес го отвори шестиот и последен кластер од пристапните преговори со Европската Унија, означувајќи важен чекор кон својата цел да стане членка до крајот на деценијата. Кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“ опфаќа земјоделство, рибарство, безбедност на храната и политики за кохезија.
„Проширувањето е геополитичка неопходност за ЕУ и клучен приоритет за данското претседателство. Денешниот чекор ја покажува посветеноста на Албанија кон напредокот на својот пат кон членство“, изјави Мари Бјер, министерката за европски прашања на Данска.
Албанија доби статус на кандидат за членство во 2014 година и, иако првично требаше да ги почне преговорите заедно со Македонија, процесот на нашата земја беше блокиран поради спорот со Бугарија. Тирана го отвори првиот кластер во октомври минатата година, така што за нешто повеќе од една година ги отвори сите.
Според последниот извештај на Европската комисија за проширување, Албанија, заедно со Црна Гора, доби најповолни оценки и се проценува дека може да ги заврши преговорите до 2027 година и да стане членка на ЕУ до 2030.























