
Албанската полиција уапси 11 лица во рамки на истрагата за убиството на 20-годишен турист од Португалија, кој вчераутро беше пронајден мртов на плажа во Ксамил.
Главниот осомничен за убиството, 29-годишниот Сократес Вата, бил уапсен во близина на Фиер, во полициска операција во местото Леван. Според полицијата, тој бил пронајден скриен во багажникот на автомобил кој се движел кон Тирана.
Во возилото имало и двајца турски државјани, за кои властите се сомневаат дека знаеле дека Вата се крие во багажникот и имале намера да му помогнат да избега.
Според досегашната истрага, инцидентот започнал во раните утрински часови на 18 август во ноќен клуб во туристички комплекс во Ксамил, а подоцна продолжил на плажата.
Полицијата се сомнева дека Вата за време на физичката пресметка со остар предмет му нанел повеќе повреди во пределот на градите и грбот на 20-годишниот Португалец. Во нападот, според истрагата, учествувале и други лица.
Меѓу осомничените има и вработени во ноќниот клуб, кои по инцидентот го напуштиле местото.
Првичните информации укажуваат дека тепачката започнала по конфликт поврзан со девојка, при што жртвата се обидела да интервенира за да ја смири ситуацијата.
Телото на младиот Португалец било пронајдено на плажата, покрај лежалките, каде што, според досегашните сознанија, се наоѓало со часови.
Албанската полиција продолжува со истрагата. За 11 лица досега е одреден притвор, додека по уште едно лице интензивно се трага.
Сократес Вата и претходно ѝ бил познат на полицијата.

















