
Математичарот Левент Алпоге тврди дека заедно со моделот за вештачка интелигенција Клод открил доказ за Римановата хипотеза – еден од најпознатите нерешени проблеми во математиката. Доколку тврдењето биде потврдено, тоа би можело да претставува значаен напредок во разбирањето на простите броеви.
Но засега станува збор за непотврдено тврдење. Независни математичари допрва треба да го проверат објавениот материјал, а Математичкиот институт „Клеј“ сè уште ја наведува Римановата хипотеза како нерешен проблем.
Алпоге, кој работи во компанијата „Антропик“, развивачот на Клод, во објавената белешка наведува дека верува оти со помош на моделот пронашол доказ. Тој тврди и дека методот може да се прошири на таканаречената генерализирана Риманова хипотеза.
Математичарот објаснува дека учествувал во насочувањето на работата, но дека Клод значително го надминал во завршните фази. Во хронологијата објавена со белешката се наведени истражувачки чекори од почетокот на октомври до средината на ноември.
Доказот е објавен како компјутерски код
Наместо вообичаен научен труд со детално писмено образложение, Алпоге засега објави голема збирка код напишан во Lean – јазик и систем што се користи за формализирање и компјутерска проверка на математички докази.
Тој наведува дека аргументот е исклучително обемен и дека има намера дополнително да работи на негово разбирање, поедноставување и писмено претставување. Објавениот материјал сега треба да го разгледаат и независни експерти.
Самото објавување код во Lean не значи дека научната заедница веќе го прифатила резултатот. При проверката треба да се утврди дали кодот успешно го докажува токму тврдењето на Римановата хипотеза и дали доказот се потпира на претпоставки што сè уште не се докажани.
Проблем стар повеќе од еден и пол век
Римановата хипотеза ја формулирал германскиот математичар Бернхард Риман во 1859 година. Таа е поврзана со распределбата на простите броеви – броеви како 2, 3, 5 и 7, кои се деливи само со еден и со самите себе.
Иако простите броеви на прв поглед се појавуваат без едноставен образец, нивната распределба е поврзана со математичка функција позната како Риманова зета-функција. Хипотезата се однесува на местоположбата на нејзините таканаречени нетривијални нули. Нејзиното докажување би помогнало подобро да се разберат правилностите во распределбата на простите броеви.
Проблемот е еден од седумте милениумски математички проблеми за кои Институтот „Клеј“ предвиде награда од еден милион долари по решение. Досега од нив е официјално решена само Поенкареовата хипотеза, докажана од рускиот математичар Григориј Перелман, кој ја одби наградата.
За евентуално разгледување на наградата не е доволна само објава на решение. Според правилата на Институтот „Клеј“, потребни се објавување во соодветна научна публикација, најмалку две години проверка и општо прифаќање од меѓународната математичка заедница.























