Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред Европскиот совет во Брисел, говорејќи за клучните прашања од војната — користењето на замрзнатите руски средства, оружјето со долг дострел и улогата на Кина во конфликтот, јавува Sky News.
Тој го започна говорот со почит кон украинските новинари убиени во рускиот напад врз Краматорск, нагласувајќи дека Русија има убиено околу 155 медиумски работници „само затоа што ја кажувале вистината“.
„Вистината секогаш создава притисок — тоа е она што ѝ пречи на Русија“, изјави Зеленски.
Тој се осврна и на вчерашниот руски напад врз градинка во Харков, при што беа повредени неколку деца. „Таканаречената ‘втора најсилна армија во светот’ води војна против украинските деца. Тоа не ми кажува дека сакаат мир“, рече тој.
Зеленски нагласи дека Русија „многу се плаши“ од можноста замрзнатите руски средства да се искористат за помош на Украина. „Ако Русија започнала војна, ќе мора да плати за неа“, порача тој, додавајќи дека одлуката за користење на тие средства е „многу блиску“.
Во врска со оружјето со долг дострел, Зеленски изјави дека Украина користи свои капацитети со дострел од 150 до 3.000 километри, но дека недостасуваат средства за масовно производство. „Немаме користено американско оружје за напади во Русија — само на бојното поле“, појасни тој.
Коментирајќи го неодамнешниот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски изјави: „Резултатот не е лош — имаме санкции за руската енергија, нема средба во Унгарија без Украина… и сè уште немаме Томахавки. Можеби утре ќе ги имаме,“ рече низ насмевка.
За Кина, Зеленски беше директен: „Знам едно — Кина ѝ помага на Русија, не на Украина. Не е заинтересирана за нашата победа, ниту за поразот на Русија.“































