Зеленски постави услов за средбата Трамп–Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев ќе ја поддржи евентуалната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Унгарија, само ако на неа се постигне договор за прекин на огнот и крај на војната.
Тој потврди дека унгарскиот премиер Виктор Орбан сака да го организира состанокот во Будимпешта, но нагласи дека разговори „за Украина, без Украина“ се бесмислени.
Зеленски го обвини Орбан дека ја користи темата за Украина за предизборни цели и дека се обидува да ја заштити зависноста на Унгарија од руската нафта.
„Ќе најдеме начин Европа да остане без руска нафта, дури и ако тоа е тешко“, рече Зеленски, додавајќи дека САД и Украина се заинтересирани за намалување на европската зависност од Москва.
Орбан, кој денес беше во Вашингтон, побара од Трамп изземање на Унгарија од американските санкции против руската нафтена индустрија.























