
Македонските граѓани се соочуваат со нови потешкотии при користењето на возачките дозволи во Италија. Освен што повеќе не е можно нивна директна замена со италијанска дозвола, дел од рент-а-кар компаниите веќе бараат и меѓународна возачка дозвола за изнајмување возило.
Според сведоштва на македонски туристи кои престојуваат во Италија, при обид да изнајмат автомобил биле информирани дека македонската возачка дозвола сама по себе не е доволна. Во повеќе случаи им било посочено дека се потребни дополнителни документи, односно меѓународна возачка дозвола, согласно новите интерни насоки за возачи со дозволи издадени надвор од Европската Унија.
Дополнителен проблем претставува тоа што македонската возачка дозвола не се појавува во каталогот на обрасци што го користат одредени компании за проверка на автентичноста на документите.
Уште посериозна е состојбата за македонските државјани со постојан престој во Италија. Во моментов тие не можат директно да ја заменат македонската возачка дозвола со италијанска, па доколку сакаат да добијат локална дозвола, мора повторно да ја поминат целата постапка за полагање.
Ова создава сериозни проблеми за лицата чие вработување зависи од управување моторно возило, бидејќи дел од нив ризикуваат да останат без работа доколку навреме не обезбедат италијанска возачка дозвола.
Според информациите објавени на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи, во моментов не се спроведува постапка за замена на возачките дозволи издадени со називот „Република Северна Македонија“. Причината е потребата од ново усогласување меѓу македонските и италијанските власти, поради разлики во моделот и категориите на возачките дозволи.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека македонската страна ги завршила сите неопходни формалности и дека сега се очекува конечното одобрување од италијанските институции. По потпишувањето на новиот договор повторно треба да биде овозможено признавање и замена на македонските возачки дозволи во Италија.

















