
Соединетите Американски Држави и Иран се согласија за двонеделен прекин на огнот, кој стапува во сила веднаш и ги опфаќа сите жаришта, вклучително и Либан. Веста ја соопшти пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, оценувајќи ја одлуката како значаен чекор кон деескалација на конфликтот.
Шариф упати благодарност до раководствата на двете земји и најави нова рунда разговори, поканувајќи ги делегациите на преговори во Исламабад на 10 април, со цел постигнување трајно решение.
Во меѓувреме, американски функционер потврди дека американската војска ги прекинала нападите врз иранска територија, додека Доналд Трамп изјави дека примирјето е договорено под услов повторно отворање на стратешкиот Ормутски теснец.
Иранските власти, преку министерот за надворешни работи Сејед Абас Арагчи, соопштија дека во наредните две недели ќе биде овозможен контролиран и безбеден премин низ теснецот, со задолжителна координација со иранските вооружени сили.
Од Врховниот совет за национална безбедност на Иран соопштија дека сите бродови ќе мора директно да комуницираат со иранската армија за да добијат дозвола за движење низ оваа клучна морска рута.
Во исто време, Техеран прогласи „голема победа“, тврдејќи дека САД го прифатиле нивниот план од десет точки. Според иранските власти, планот вклучува укинување на санкциите, повлекување на американските сили од регионот и признавање на правото на Иран за збогатување ураниум.
Иранските претставници порачаа дека остануваат подготвени за одговор на секое евентуално прекршување на договорот, нагласувајќи дека ситуацијата и натаму останува чувствителна и неизвесна.
Breaking | Iranian civilians across the country celebrate the defeat of the US and Israelpic.twitter.com/lpMV9o1zQB— Quds News Network (@QudsNen)April 8, 2026























