
Околу 700 велосипедисти учествуваа на првото издание на „World Naked Bike Ride“ во Берлин, возејќи низ германската престолнина на рута долга 33 километри.
Учесниците поминале покрај некои од најпознатите локации во градот, меѓу кои Трептов парк, Ист Сајд галеријата, Бранденбуршката порта и Рајхстагот.
Настанот е дел од меѓународното движење „World Naked Bike Ride“, кое од 2001 година се организира во повеќе градови ширум светот.
Организаторите нагласуваат дека манифестацијата нема сексуална конотација, туку е замислена како јавна акција преку која се промовираат слободата на телото, толеранцијата, заштитата на климата и општествената различност.
Според организаторите, учесниците ја користат голотијата како симболичен начин за привлекување внимание кон вредностите на едно отворено и демократско општество.
Со велосипедската тура низ Берлин тие испратија пораки и за поголема прифатеност на различностите, како и за посилна свест за еколошките прашања и одржливиот транспорт.
Првото вакво возење во германската престолнина привлече големо внимание, а организаторите го претставија како дел од поширока меѓународна иницијатива која веќе повеќе од две децении се одржува во различни делови од светот.

















