
Повеќе од 400 летови биле одложени на московските аеродроми во изминатите 24 часа по масовниот напад со беспилотни летала врз руската престолнина и воведените безбедносни ограничувања во воздушниот простор.
Според објавените податоци, најмалку 403 летови доцнеле, додека 12 биле целосно откажани. Најтешко бил погоден меѓународниот аеродром „Шереметјево“, каде што биле одложени 121 лет во пристигнување и 126 летови во заминување.
Големи нарушувања биле регистрирани и на аеродромот „Внуково“, каде што доцнеле 129 летови, а дополнителни 11 биле откажани.
На „Домодедово“ биле одложени 27 летови во пристигнување, додека еден лет бил откажан.
Привремено ограничено полетувањето и слетувањето
Руските воздухопловни власти вовеле привремени ограничувања на московските аеродроми поради опасноста од беспилотните летала. Мерките довеле до натрупување на авионите, промени во распоредот и долги чекања за патниците.


















