
Нова драматична ноќ и ден на границата меѓу Мароко и шпанската енклава Сеута. Големи групи мигранти се обидоа да се приближат до границата и нерегуларно да влезат на шпанска територија, откако претходно преку социјалните мрежи се ширеа повици за ново масовно преминување на 15 август.
На социјалните мрежи се појавија повеќе видеоснимки на кои се гледаат големи групи луѓе во движење, а дел од објавите ги опишуваат сцените како обид на „илјадници мигранти да ја пробијат границата“.
Сепак, информациите од Reuters, шпанските и мароканските извори покажуваат дека главните групи биле пресретнати од мароканските безбедносни сили пред да успеат масовно да влезат во Сеута.
ВИДЕО 1:
https://x.com/i/status/2088832839173198008
Reuters објави дека мароканската полиција привела најмалку 111 лица кои се движеле кон Сеута, меѓу кои 109 лица од земји јужно од Сахара и двајца марокански државјани.
Групите биле забележани во и околу Фнидек, познат и како Кастиљехос, мароканскиот град непосредно до Сеута.
Според шпанската агенција EFE, мароканската полиција употребила и солзавец за растерување групи кои се наоѓале на ридовите на околу три километри од границата.
Во текот на денот бројките се менувале како што продолжувала операцијата. Мароканските извори подоцна соопштија дека биле пресретнати најмалку 148 лица, додека El País во најновиот извештај наведува дека вкупно 294 лица биле привремено приведени во рамките на големата безбедносна операција.
ВИДЕО 2:
https://x.com/i/status/2088833595934650612
Огромно полициско присуство на границата
Мароко и Шпанија овојпат распоредија значително поголеми сили во обид да спречат повторување на хаосот од крајот на јули.
Во околината на Фнидек биле распоредени специјални полициски единици, интервентна полиција, контролни пунктови, хеликоптери и беспилотни летала, а бил засилен и надзорот на патиштата што водат кон граничната зона.
RTVE претходно објави дека Мароко поставил дополнителни физички бариери и засилил воено и полициско присуство во Кастиљехос.
Шпанија исто така испрати дополнителни сили. Според Reuters, повеќе од 500 дополнителни припадници биле распоредени како засилување, со што бројот на безбедносниот персонал во Сеута надминал 1.600.
Целта била да се спречи повторување на масовниот премин од 30 и 31 јули, кога десетици илјади луѓе стигнаа до шпанската енклава.
ВИДЕО 3:
https://x.com/i/status/2088835946724589830

















