УТРО.мк

ВИДЕО – Израел бара решение против новото оружје на Хезболах

ВИДЕО – Израел бара решение против новото оружје на Хезболах
Vero

Израелските безбедносни структури се соочуваат со сериозен предизвик поради новата генерација дронови што ги користи Хезболах, а кои, според експертите, успеваат да ги надмудрат скапите системи за противвоздушна одбрана.

Во центарот на вниманието е видео објавено од проиранската милиција Хезболах, на кое наводно се гледа како дрон со експлозив погодува батерија од системот „Железна купола“. Иако автентичноста на снимката сè уште не е официјално потврдена, голем број воени аналитичари сметаат дека видеото е веродостојно.

Според Дојче Веле, Хезболах во последните месеци интензивно користи FPV дронови, односно беспилотни летала кои на операторот му овозможуваат директен пренос од целта во реално време. Во неколку напади биле убиени и ранети израелски војници.

Она што особено ги загрижува израелските експерти е фактот што дел од овие дронови не функционираат преку радио-сигнал, туку се управуваат со оптички влакна. Поради тоа, нивното откривање и блокирање преку електронско војување е значително потешко.

Технологијата веќе масовно се користи во војната во Украина, каде и украинските и руските сили применуваат дронови со оптички влакна уште од 2024 година. Досегашните методи за заштита најчесто вклучуваат импровизирани решенија, како поставување мрежи, механичко сечење кабли или соборување со огнено оружје.

Експертот за беспилотни летала Нери Зин оценува дека модерните армии сè уште тешко се прилагодуваат на новиот начин на војување.

„Тенк вреден десетици милиони долари денес може да биде уништен од FPV дрон што чини само неколку стотици долари“, предупредува Зин.

Украинскиот амбасадор во Израел, Јевхен Корњичук, изрази изненадување што Израел не ги користи повеќе украинските искуства од фронтот во развојот на нови системи за одбрана од дронови.

Од израелската армија велат дека внимателно ги следат искуствата од другите боишта и дека веќе работат на нови решенија за справување со оваа закана.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху потврди дека е формиран посебен проект за развој на системи против дронови, но предупреди дека ќе биде потребно време за целосно решение.

Меѓу опциите што се разгледуваат се системи за визуелно и звучно откривање, ласерски технологии, микробранови системи и употреба на вештачка интелигенција за побрзо препознавање и неутрализирање на заканите.

Според аналитичарите, новата ера на војување со евтини дронови отвора сериозни прашања за иднината на скапите системи за воздушна одбрана, чија ефикасност сè почесто се доведува во прашање.

Hezbollah has released another FPV strike video on a second Iron dome system.The IDF are wildly exposed and attrition has always the downfall of Israel’s invasions of Lebanon.https://t.co/41LiXQaUQzpic.twitter.com/rLGflqkirm— ayden (@squatsons)May 20, 2026

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран