
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува нови сценарија за проширување на војната кон северниот дел на Украина, со можни офанзивни операции во правец на Чернигов и Киев, како и мобилизација на дополнителни 100.000 војници.
Според Зеленски, украинските разузнавачки служби анализираат пет можни сценарија за руска офанзива, а украинската армија веќе подготвува одговор за секоја потенцијална закана. Тој истакна дека украинските сили во северниот дел на земјата ќе бидат дополнително засилени.
„Подготвуваме одговори за секој можен потег на непријателот ако Русите навистина се осмелат да ја прошират својата агресија“, изјави Зеленски по состанокот на украинскиот воен штаб.
Тој додаде дека Москва подготвува нови мерки за мобилизација со цел ангажирање уште 100.000 луѓе, но оцени дека Русија тешко би можела тајно да спроведе толку масовна мобилизација. Според него, Кремљ би можел да се одлучи за други политички потези, слични на случувањата поврзани со Транснистрија.
Украинскиот претседател најави и проширување на нападите со беспилотни летала со долг дострел врз руска територија, оценувајќи дека тие операции веќе имаат значително влијание врз руските воени капацитети.
Во меѓувреме, Белорусија и Русија започнаа заеднички воени вежби кои вклучуваат тактичко нуклеарно оружје. Белоруското Министерство за одбрана соопшти дека вежбите имаат цел да ја подобрат подготвеноста на вооружените сили за употреба на современи средства за уништување, вклучително и специјална муниција.
Во вежбите учествуваат ракетни и воздухопловни единици, а се вежба транспорт и распоредување на нуклеарна муниција, прикривање и операции од неподготвени терени.
Зеленски претходно изјави дека Киев располага со информации дека Москва се обидува подлабоко да ја вовлече Белорусија во војната, како и во потенцијални идни операции против земји членки на НАТО. Белорускиот лидер Александар Лукашенко неодамна најави ротациона мобилизација и подготовка на силите за можна копнена операција, додавајќи дека земјата „се подготвува за војна“, иако се надева дека конфликтот ќе биде избегнат.
















