
Венецуелската влада го осуди апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес од страна на САД како „најлоша агресија во историјата на земјата“. Министерот за одбрана, Владимир Падрино Лопез, нареди веднаш распоредување на армијата низ целата територија и повика на единствен отпор против странските сили.
„Нè нападнаа, но нема да нè покорат“, изјави Лопез во телевизиско обраќање, додавајќи дека целата војска ги следи наредбите на Мадуро и е подготвена да се спротивстави на надворешната интервенција.
Снимки објавени од венецуелската телевизија NTN24 покажуваат експлозии и облаци од чад во главниот град Каракас, каде што претходно беа регистрирани силни удари во близина на воени објекти. Владата на Венецуела ги обвини САД за „исклучително сериозна воена агресија“ и го нарече апсењето дел од обидите за промена на режимот во земјата.



























