
Пентагон остро се спротивстави на каква било европска иницијатива за ограничување на пристапот на американската одбранбена индустрија до европскиот пазар, предупредувајќи дека такви мерки би предизвикале сличен одговор од САД, јавува „Политико“.
Овие забелешки се дел од меморандум поднесен во рамки на јавната консултација на Европската комисија за правилата за одбранбени набавки во ЕУ. Американската администрација нагласува дека секоја промена на директивата што би ги ограничила можностите на американските компании за учество во националните одбранбени набавки на земјите-членки на ЕУ ќе биде неприфатлива.
Претходно, заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, критички се осврнал на европските сојузници во НАТО за давање приоритет на сопствените одбранбени компании наместо на американските добавувачи.
Европската комисија во последните години се стреми да го зголеми уделот на европските компании во договорите за јавни набавки на одбранбена опрема, со програми како SAFE и со нови механизми за купување оружје за Украина. Сепак, речиси две третини од увезената воена опрема на ЕУ доаѓа од САД, вклучувајќи ловци Ф-35, ракетни системи М142 ХИМАРС и противвоздушни ракети МИМ-104 Патриот.























