Украина и САД започнаа со заедничко производство на дронови-пресретнувачи, како дел од новата етапа на соработка во воената индустрија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за телевизијата Блумберг.
Зеленски истакна дека соработката со Вашингтон ќе се продлабочува, особено во развојот на технологии за заштита од руските воздушни напади. Според него, Русија води целна кампања на психолошко заплашување во Европа, користејќи дронови и борбени авиони за нарушување на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО.
„Мислам дека ги исплаши, тоа му беше целта, и ја постигна. Тоа беше психолошко заплашување, нема сомнение за тоа“, рече Зеленски, додавајќи дека руските сили продолжуваат со удари врз украинскиот енергетски систем со цел да го ослабат Киев до пролет.
Украинскиот лидер претходно соопшти дека ефикасноста на уништувањето на руските беспилотни летала моментално изнесува околу 68 проценти, но очекува процентот значително да се зголеми со новите дронови произведени во соработка со САД.























