Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон планира да испрати дополнително оружје за Украина, нагласувајќи дека таа мора да биде во состојба да се одбрани.
„Мораат да можат да се бранат. Сега се тешко погодени. Ќе мора да испратиме повеќе оружје, пред сè одбранбено“, рече Трамп за време на официјалната вечера во Белата куќа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува ABC News.
Изјавата доаѓа откако портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, на прес-конференција даде појаснување за неодамнешната пауза во испораките на американска воена помош за Украина.
Како што објасни Левит, станува збор за стандардна ревизија на програмата за поддршка која Пентагон ја спроведува за сите држави што добиваат американска воена помош.
„Министерот за одбрана, веднаш по стапувањето на функцијата, наложи ревизија со цел да се осигури дека сите пакети помош се во согласност со интересите на САД. Оваа привремена пауза овозможува дополнителна процена дали секој дел од поддршката е во најдобар интерес на нашата армија и на оние што ја носат униформата“, изјави Левит.