Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја објави формирањето на нова коалиција насочена кон ограничување на кинеското влијание во клучните минерали и напредните технолошки сектори, вклучувајќи вештачка интелигенција.
Пет земји – Сингапур, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Израел – потпишаа Декларација за „Pax Silica“, со цел заеднички да ги решаваат недостатоците во пристапот до критични ресурси и да ја намалат предноста на Кина во стратегиски индустрии, јавува американскиот портал Политико.
Заменик-државниот секретар за економски прашања, Јакоб Хелберг, истакна дека декларацијата отвора пат за заеднички истражувачки и развојни проекти, производство и инфраструктурни решенија како одговор на кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“. Иницијативата го истакнува значењето на кинескиот речиси монопол во секторот на ретки метали, кој е клучен за цивилните и воените индустрии.
Пекинг во минатото ја искористи доминацијата во секторот со воведување ограничувања на извозот како одговор на американските царини, додека САД сега сакаат да ја ширaт коалицијата и да вклучат дополнителни земји со минерални и технолошки капацитети.
Потпишувањето на декларацијата ја означи и почетокот на еднодневниот самит „Pax Silica“, на кој учествуваат и претставници од Европската Унија, Канада, Холандија и Обединетите Арапски Емирати. На самитот ќе се дискутира за напредно производство, преработка на минерали и логистика, а целта е коалицијата да стане за вештачката интелигенција она што Г7 беше за индустриската ера.
„Сакаме да соработуваме за хармонизирање на извозните контроли, проверка на странските инвестиции и справување со дампингот, но и проактивно да обезбедиме клучни точки во глобалните синџири на снабдување“, рече Хелберг.



























