
Претседателот на САД, Доналд Трамп, оцени дека Данска не успеала со години да се справи со, како што ја нарече, „руската закана“ поврзана со Гренланд, најавувајќи дека Вашингтон ќе преземе решителни чекори.
Во објава на социјалната мрежа Truth, Трамп напиша дека НАТО со децении ја предупредувал Данска за потребата од посилно безбедносно присуство на Гренланд, но без конкретни резултати. Според него, ситуацијата повеќе не може да се одложува и САД ќе дејствуваат.
Трамп повтори дека американската контрола врз Гренланд е неопходна за безбедноста на Арктикот, предупредувајќи дека во спротивно островот би можел да падне под влијание на Русија или Кина. Истовремено, тој најави дополнителни царини за осум европски земји, меѓу кои и Германија, кои јавно се спротивставија на можната анексија на Гренланд.
Американскиот претседател го оцени и присуството на европски војници на островот како „многу опасна игра“, со што дополнително ги засили тензиите со европските сојузници.



























