
Заменик-претседателот на Рускиот совет за безбедност, Дмитриј Медведев, со остра реторика се осврна на политиките на американскиот претседател Доналд Трамп, прашувајќи дали европските земји ја разбираат вистинската тежина на пораките што доаѓаат од Вашингтон.
Во објава на социјалната мрежа X, Медведев го интерпретираше слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA) како директна закана за Европа. „MAGA = Да ја направиме Данска повторно мала (MDSA) = Да ја направиме Европа повторно сиромашна (MEPA). Дали конечно ја разбравте оваа идеја?“, напиша Медведев со навредлив тон.
Неговата реакција следува откако американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 10 проценти за повеќе европски земји, меѓу кои Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска. Според најавата, царините во февруари ќе се зголемат на 25 проценти и ќе останат на сила сè додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на Соединетите Американски Држави.



























