Трамп повторно најави мир: „И овој конфликт ќе биде завршен за една недела“
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изрази уверување дека примирје меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа би можело да биде постигнато во рок од една недела.
На настан организиран во Белата куќа во петокот, по повод одбележувањето на договорот меѓу Конго и Руанда, Трамп изјави пред новинарите дека разговарал со личности директно вклучени во преговорите и оценил дека договорот е „многу блиску“, пренесе Ројтерс.
Иако не откри конкретно со кого остварил контакт, Трамп нагласи дека за време на ескалацијата меѓу Израел и Иран, бил речиси секојдневно во комуникација со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Мислам дека сме блиску до договор. Токму што разговарав со луѓе кои се директно вклучени. Веруваме дека во текот на следната недела ќе постигнеме прекин на огнот“, изјави Трамп.
Хамас претходно најави дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници, во рамки на поширок договор за ставање крај на војната, додека израелската страна останува цврста на ставот дека конфликтот може да заврши само доколку Хамас биде целосно разоружан и демонтиран – услов што организацијата го одбива.
Израелската амбасада во Вашингтон засега нема дадено официјален коментар по повод изјавата на Трамп.
Во меѓувреме, израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, следната недела треба да го посети Вашингтон, каде што ќе оствари средби со претставници на администрацијата на Трамп. Теми на разговор ќе бидат состојбата во Газа, односите со Иран и можната посета на премиерот Нетанјаху на Белата куќа, пренесуваат извори упатени во случувањата.
Во својата последна изјава, Нетанјаху порача дека исходот од конфронтацијата со Иран отвора нови можности за проширување на мировните иницијативи во регионот.