Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на неодамнешната средба во Алјаска со рускиот лидер Владимир Путин разговарале за нуклеарно разоружување. Тој пред новинарите во Белата куќа нагласи дека Русија е подготвена за денуклеаризација, а верува дека и Кина би можела да се приклучи.
„Не смееме да дозволиме ширење на нуклеарно оружје. Мора да го запреме“, рече Трамп, без да открие детали од разговорите. Кремљ засега не ја коментирал изјавата.
Според Федерацијата на американски научници, Русија располага со најголем нуклеарен арсенал во светот – 5.580 боеви глави, од кои 1.200 за демонтажа. Москва поседува и тактичко и стратешко оружје со дострел до САД.
Од почетокот на војната во Украина, Кремљ често упатува нуклеарни закани кон Киев и Западот. Иако тие не се реализираа, загриженоста останува, а разговорите меѓу Москва и Вашингтон досега не донесоа напредок.
Средбата Трамп–Путин се одржа во време на зголемени тензии, откако Трамп нареди две американски нуклеарни подморници да бидат преместени во „соодветни региони“ како одговор на изјавите на Дмитриј Медведев. Поранешниот руски претседател предупреди дека вмешаноста на Вашингтон може да доведе до директен судир меѓу САД и Русија, заканувајќи се со нуклеарна ескалација. Трамп возврати нарекувајќи го „неуспешен поранешен претседател“ и го предупреди да внимава на зборовите.