Трамп се закани со царини од 200 проценти ако Кина не испорачува магнети од ретки метали
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царини од 200 проценти на кинескиот увоз доколку Пекинг не обезбеди сигурни испораки на магнети од ретки земни метали за САД.
„Мора да ни ги дадат магнетите. Ако не, ќе воведеме царина од 200 проценти или нешто слично“, изјави Трамп во Белата куќа на средба со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Миунг. Тој додаде дека мерката би ја сопрела трговијата со Кина, но тоа е „прифатливо сценарио“.
Ретките земни метали се клучни за современата технологија – од мобилни телефони и ветерници, до електрични возила и воена опрема. Кина е глобален лидер во нивното производство, а САД речиси целосно зависат од увоз.
Во услови на тензии, Пекинг претходно го ограничи извозот на ретки метали. Новата закана на Трамп доаѓа спротивно од неговиот помирлив тон на почетокот на август, кога најави продолжување на 90-дневното трговско примирје.
Двете земји во мај се согласија да го намалат притисокот од високи царини и да разговараат за трговијата, снабдувањето со минерали и пристапот до чипови за вештачка интелигенција. Според „Волстрит журнал“, кинеска делегација оваа недела патува во Вашингтон за продолжување на преговорите.