
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ги завршат своите операции во Иран во рок од „две до три недели“, нагласувајќи дека по повлекувањето се очекува значителен пад на цените на нафтата.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп посочи дека Вашингтон нема да има понатамошна улога во случувањата околу Ормутскиот теснец, додавајќи дека одговорноста за безбедноста на овој важен поморски премин треба да ја преземат земјите кои зависат од енергенсите од регионот.
„Што ќе се случи со теснецот – ние нема да имаме никаква врска со тоа“, изјави Трамп, наведувајќи дека држави како Кина и Франција треба самостојно да се справат со предизвиците.
Тој потсети дека САД во минатото нуделе воена придружба за танкерите што минуваат низ теснецот, но дека сега очекува другите земји да го преземат тој товар.
Според Трамп, американските сили се во завршна фаза од операциите во Иран и процесот ќе биде завршен многу брзо. Тој дури навести дека рокот може да биде и пократок од најавеното.
Осврнувајќи се на глобалните енергетски пазари, Трамп рече дека повлекувањето на САД ќе доведе до стабилизација и пад на цените на нафтата.
„Сè што треба да направам е да го напуштам Иран – и тоа ќе го направиме многу брзо. Потоа цените нагло ќе паднат“, нагласи тој.























