УТРО.мк

Трамп најави масовна испорака оружје за Украина и нови санкции кон Русија

Трамп најави масовна испорака оружје за Украина и нови санкции кон Русија
Vero

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека САД ќе дистрибуираат воена опрема вредна милијарди долари во Украина, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“ кои, според него, ќе бидат испратени „во рок од неколку дена“.

На заедничката прес-конференција во Белата куќа со новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп потврди дека сојузниците од Европа се договориле да испратат „висококвалитетно“ оружје во Украина, додека САД ќе обезбедат замена на системите што европските земји ќе ги отстапат.

„Се испраќа сè“, рече Трамп на новинарско прашање дали се работи само за ракети „Патриот“, појаснувајќи дека системите од европските членки на НАТО ќе заминат за Украина, а САД ќе ги заменат со нови.

Американскиот претседател најави и нова рунда санкции против Русија доколку не се постигне договор за прекин на огнот во Украина во рок од 50 дена. Според него, САД ќе воведат т.н. „секундарни тарифи“ од 100 проценти, кои ќе се однесуваат и на трети земји што купуваат руска нафта. Трамп истакна дека санкциите ќе бидат спроведени без потреба од согласност од Конгресот.

„Многу сум незадоволен од Русија. Ако не се постигне договор, ќе има многу строги мерки. Тарифите ќе ја исполнат целта“, рече Трамп, нагласувајќи дека бројките не се важни по одредена точка, бидејќи „100 проценти се доволни“.

Тој додаде дека Русија има огромен економски потенцијал, но наместо да тргува, се ангажира во војна. Зборувајќи за рускиот претседател Владимир Путин, Трамп откри дека разговараат често и „во пријатен тон“, но дека тоа „не значи ништо додека ракетите паѓаат врз градовите“.

„Мислев дека постигнавме договор со Русија четири пати. Требаше одамна да има мир, но ова продолжува и понатаму“, изјави Трамп, одбивајќи да одговори на прашања за можен американски одговор во случај на ескалација од страна на Москва.

Во однос на НАТО, Трамп го пофали напредокот на Алијансата и откри дека е договорено зголемување на придонесите на земјите-членки за одбраната – од сегашните два проценти на пет проценти од БДП до 2035 година.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потврди дека Украина наскоро ќе добие „многу голема количина воена опрема“, вклучувајќи системи за воздушна одбрана, ракети и муниција.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран