Заменик-премиерот на Украина за европски и евроатлантски интеграции, Тарас Качка, изјави дека унгарската блокада на европските интеграции на Украина би можела да биде укината по состанокот меѓу Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп.
Според Качка, клучно е САД да разберат зошто е неопходна согласноста на Унгарија за започнување на пристапните преговори меѓу Киев и Европската Унија.
„Од наша страна, на ова прашање му посветивме големо внимание, а претседателот Зеленски веќе зборуваше за тоа. Дали ова прашање – односно укинувањето на унгарското вето – би можело да биде решено за време на разговорите меѓу Трамп и Орбан? Постојат очекувања дека да,“ изјави Качка.
Тој додаде дека станува збор за билатерална средба меѓу американскиот и унгарскиот лидер, и дека „сè сепак зависи од директниот дијалог“ меѓу Украина и Унгарија.
„Овој состанок може да помогне, како и ставовите на лидерите на земјите членки на ЕУ кои се идеолошки поблиски до Орбан. Нашата задача е да работиме на сите овие фронтови. Верувајте ми, разговаравме дури и со јапонската влада за ова,“ додаде украинскиот заменик-премиер.
Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека го замолил Доналд Трамп да го искористи своето влијание врз унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го блокира напредокот на Украина кон Европската Унија.
Состанокот меѓу Орбан и Трамп треба да се одржи во Вашингтон на 7 ноември.























