Американскиот претседател Доналд Трамп ја засили дипломатската офанзива за завршување на војната во Украина, поставувајќи рок до 27 ноември за украинскиот претседател Володимир Зеленски да го одобри неговиот мировен план од 28 точки. Планот предизвика жестоки реакции бидејќи предвидува Украина да се откаже од дел од својата територија, да ја намали армијата и да се откаже од амбицијата за членство во НАТО.
Според документот, Русија би ги задржала Доњецк, Луганск и Крим, но би морала да се повлече од останатите окупирани територии. Во замена, Украина би добила западни безбедносни гаранции, како и огромен глобален пакет за обнова, вклучувајќи формирање на Украински фонд за развој.
Денеска во Женева се одржува клучна средба меѓу претставници на САД, Украина и советниците за национална безбедност на Франција, Велика Британија и Германија. Новоименуваниот специјален пратеник за планот, Даниел П. Дрискол, веќе е во Женева, а се очекуваат и Стив Виткоф и државниот секретар Марко Рубио.
Украинската делегација ја предводи шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, придружен од високи воени и разузнавачки претставници, меѓу кои Рустен Умеров, Кирил Буданов и генерал Андриј Гнатов.
Трамп неодамна изјави дека планот „не е конечен“, но нагласи дека мир мора да се постигне:
„Војната никогаш не требаше да се случи. Да бев претседател, тоа немаше да се случи. Сега се обидуваме да ја завршиме.“
Европските лидери веќе го разгледуваат предлогот. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека планот е „добра основа за работа“, но дека конечниот договор зависи од европските држави и НАТО.
Киев изразува загриженост бидејќи документот ги содржи клучните руски барања. Зеленски предупреди дека Украина „или ќе го изгуби достоинството или ќе ризикува да изгуби голем партнер“.
Од Москва, Владимир Путин потврди дека планот е примeн и дека може да биде основа за разговори, но додаде дека Украина и Европа „не ја сфаќаат реалноста“, бидејќи, според него, руските сили напредуваат и ќе продолжат доколку нема договор.























