
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе ја водат Венецуела кон „безбедна“ политичка транзиција, додавајќи дека Вашингтон е подготвен за дополнителни операции доколку се појави потреба. Тој зборуваше на прес-конференција во Мар-а-Лаго, Флорида, придружуван од високи функционери, вклучувајќи го министерот за одбрана Пит Хегсет и државниот секретар Марко Рубио.
– Доцна синоќа и рано утрово, вооружените сили на САД спроведоа воена операција во главниот град на Венецуела. Ниту една друга земја во светот не можеше да го постигне она што го направи Америка – рече Трамп.
Тој додаде дека операцијата има за цел да ја води Венецуела кон безбедно предавање на власта и да спречи други актери да ја преземат земјата, „без да ги земат предвид интересите на Венецуелците“.
Трамп потсети дека уште во ноември 2020 година изразил загриженост дека ако ги изгуби изборите, САД би можеле да станат „Венецуела на стероиди“. – Можеше да се случи, можеше радикално да се случи со погрешни луѓе на власт – рече тој, потенцирајќи дека со неговата победа такво сценарио е спречено.



























