
Израелските безбедносни служби се ставени во состојба на зголемена готовност поради шпекулациите за можен воен напад од страна на САД врз Иран, јавуваат израелските медиуми. Според информациите, кабинетот за безбедност го одложил состанокот за да се избегнат погрешни проценки во чувствителен момент, додека службите за итни случаи се подготвуваат за евентуална ескалација.
Како што објавува израелскиот портал Ynet, постојат проценки дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел наскоро да даде зелено светло за почеток на воена операција. Се споменува можност за координиран напад меѓу САД и Израел, насочен кон иранските балистички капацитети, а потенцијално и кон други стратешки цели.
Во вакво сценарио, се очекува дополнително вклучување на регионални актери. Според проценките, јеменското движење Хути, како и либанскиот Хезболах, би можеле да застанат на страната на Иран, што би довело до поширока регионална ескалација.
Американски извори наведуваат дека Иран не ги исполнил поставените барања во текот на преговорите, што дополнително ја зголемило напнатоста. Дел од администрацијата на Трамп смета дека Техеран се обидува да го одолговлекува процесот и да ги доведе САД во заблуда.
Во меѓувреме, медиумите пренесуваат и изјави од дипломатски извори, според кои трпението на Вашингтон се намалува. „Американското трпение со иранските одложувања би можело да истече побрзо отколку што мисли Техеран“, наведува извор цитиран од Ал Џезира.























