Два патнички воза се судрија денес во Република Чешка, при што најмалку пет лица се тешко повредени, а околу 40 полесно, соопштија властите и локалните медиуми.
Противпожарните и спасувачките служби информираа дека несреќата се случила во регион околу 132 километри јужно од Прага. Сите патници од двата воза биле евакуирани.
Портпаролка на регионалната болница изјави за агенцијата ЧТК дека пет лица се примени со тешки повреди.
Чешкиот министер за сообраќај, Мартин Купка, изјави дека истрагата е во тек, но дека првичните информации укажуваат дека еден од возовите веројатно поминал покрај сигнал кој бил поставен во позиција за запирање.























