Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска им порача на граѓаните дека измените на Законот за ДДВ нема да донесат никакви нови трошоци за онлајн нарачките од платформи како ТЕМУ. Според неа, пратките и понатаму ќе пристигнуваат без дополнителни плаќања, затоа што ДДВ е веќе пресметан и вклучен во конечната цена што ја плаќаат корисниците при нарачка.
Таа објасни дека моделот на наплата на ДДВ за ваквите пратки функционира преку системот IOSS, со кој меѓународните платформи го пресметуваат и уплаќаат данокот уште во моментот на купување. Со тоа, вели министерката, се избегнуваат дополнителни административни процедури и непланирани трошоци за граѓаните при пристигнување на пратките.
„Нема никакви измени што би влијаеле врз граѓаните. Она што досега важеше, важи и понатаму“, порача Димитриеска – Кочоска, додавајќи дека целта на законските корекции е усогласување со европските директиви, без да се наруши досегашната пракса за малите пратки.
Министерството очекува со новите законски доуредувања да се зголеми ефикасноста на наплатата, но без никакво финансиско оптоварување за корисниците кои купуваат од странство.























