Полициска вежба во чешкиот град Варнсдорф доби неочекуван пресврт, откако специјалната единица по грешка влегла во погрешно училиште и предизвикала паника меѓу учениците и наставниците.
Според чешките медиуми, полицијата изведувала симулација за апсење на вооружен напаѓач во областа Дечин, а сценариото било планирано да се спроведе во зградата на поранешно основно училиште. Наместо таму, специјалците погрешно упаднале во соседната гимназија, каде што никој не бил информиран за вежбата.
„Полицајците ѕвонеле на вратата, а кога домарот им отворил, веднаш влегле внатре. Професорите и учениците беа шокирани, мислеа дека се работи за вистинска опасност. Полицајците, пак, верувале дека гледаат добро подготвени статисти. Дури по неколку минути сфатија дека се во погрешна зграда“, изјавил градоначалникот на Варнсдорф, Јан Шимек.
Откако ја сфатиле грешката, специјалците веднаш ја напуштиле гимназијата и продолжиле со вежбата во предвидениот објект. Заменик-градоначалникот Јири Сухарда појаснил дека во истиот комплекс има повеќе образовни институции – гимназија, градинка и поранешно основно училиште – што довело до забуна.
Инцидентот го потврди и чешката полиција, која го опиша случајот како „човечка грешка“. „Екипата по грешка влезе во зграда што не беше дел од сценариото. Веднаш по настанот, директорот на полициската управа во Дечин стапи во контакт со училиштето и се извини за непријатноста“, изјавил полицискиот портпарол Камил Марек.