Украинските сили изведоа операции против клучни руски логистички и енергетски цели, соопшти Генералштабот на Украина, пренесува „Киев пост“. Акцијата, спроведена во четврток во соработка со Силите за специјални операции и други единици, имала за цел да го намали капацитетот на Русија за воздушни напади.
Пристаништето Олја, кое е важно за логистички прием на воена опрема од Иран, беше мета на нападот. Цел на операцијата бил бродот „Порт Олја 4“, кој превезувал дронови и муниција, а деталната проценка на штетите сè уште е во тек.
Во раните утрински часови, украинските дронови нападнаа и рафинерија во градот Сизран, Самарска област. Мештаните пријавиле до десет експлозии, а фотографии и видеа од пожарот се појавија на социјалните мрежи. Руските власти сè уште не ја потврдиле штетата.
Во текот на ноќта, руската воздушна одбрана тврди дека соборила 53 украински беспилотни летала.
Во изминатите пет дена, Украина изврши удари врз неколку клучни нафтени и гасни објекти во Русија, вклучувајќи ја рафинеријата ЛУКОИЛ-Волгограднефтепереработка на 14 август и пумпната станица Унеча на 13 август, која е дел од нафтоводот „Дружба“. На 10 август, украинските сили нападнаа и рафинеријата „Лукоил-Ухтанефтепереработка“ во Република Коми.
Украинските власти нагласуваат дека целта на овие операции е да се ослабне производството на гориво во Русија и да се намалат нејзините воени капацитети.