
Седум земјотреси, од кои четири со магнитуда над 4,0 степени, ја погодија областа Гранада во Шпанија, предизвикувајќи вознемиреност кај населението и превентивна евакуација на повеќе објекти.
Најсилниот земјотрес денеска бил со магнитуда од 4,8 степени, а епицентарот бил регистриран во близина на Гохар, во провинцијата Гранада. Земјотресот бил почувствуван во пошироката метрополитенска област.
Поради интензивната сеизмичка активност, биле евакуирани трговски центри, хотели и повеќе згради, додека надлежните служби презеле превентивни мерки.
Според регионалната влада на Андалузија, три лица се здобиле со полесни повреди, меѓу кои и едно малолетно лице кое било пренесено во болница. Повредите настанале поради паѓање на делови од објекти.
Здравствената служба на Андалузија привремено прекинала дел од редовните медицински услуги во здравствените центри во провинцијата Гранада. Одредени лекарски прегледи и планирани хируршки интервенции се одложени, додека итните и онколошките служби продолжуваат да функционираат.
Итните служби во текот на денот примиле повеќе од 500 повици поврзани со земјотресите.
Сеизмичката активност во регионот е засилена во последните денови. Националниот географски институт на Шпанија минатата недела регистрирал повеќе од 30 земјотреси во областа Вега де Гранада и јужниот дел од метрополитенската област. Повеќето биле со магнитуда меѓу 1,5 и 2,5 степени, но дел од потресите биле почувствувани од населението.

















