
САД и Русија го обновуваат директниот контакт помеѓу своите вооружени сили, откако високите воени официјали од двете страни се сретнаа на маргините на мировните разговори во Абу Даби, насочени кон Украина.
Според Европската команда на американската војска, повторното воспоставување на дијалогот ќе овозможи континуирана комуникација помеѓу двете армији, со цел да се намалат ризиците и да се обезбеди траен мир. Ова е особено значајно во контекст на моменталната глобална тензија, бидејќи САД и Русија остануваат најголеми нуклеарни сили во светот.
Ваквиот чекор доаѓа во време кога Доналд Трамп повторно ги повикува САД да го нормализираат односот со Москва, кој во минатото беше дефиниран од жестока ривалност. Истовремено, вчера истече последниот официјален договор за контрола на нуклеарното оружје, но американските медиуми известуваат дека преговорите за нов се веќе во тек. Кремљ изјави дека претходно понудил продолжување на „Нов старт“, но од САД не добил одговор.























