Руската централна банка денес остро реагираше на најновите предлози на Европската унија за користење на нејзините замрзнати пари, оценувајќи ги како незаконски и во спротивност со меѓународното право. Од институцијата предупредија дека ќе ги употребат сите расположливи правни механизми за заштита на своите интереси.
„Механизмите за директно или индиректно користење на имотот на Банката на Русија, како и сите други форми на неовластено располагање со овој имот, се незаконити и спротивни на меѓународното право, вклучително и прекршување на принципот на суверен имунитет“, соопшти банката.
Реакцијата доаѓа по објавата на Европската комисија од 3 декември, во која се наведуваат две можни решенија за финансирање на потребите на Украина во 2026 и 2027 година. Едно од нив предвидува европските финансиски институции што го држат замрзнат рускиот имот да ѝ позајмат средства на комисијата, која потоа би ја финансирала Украина преку заем за репарации.
Руските власти и претходно предупредуваа дека таквите потези би предизвикале најостра реакција.
Централната банка најави и конкретни правни чекори: спорење на секоја евентуална одлука пред национални судови, пред судски органи на странски држави, меѓународни организации, арбитражи и други надлежни институции. Доколку биде потребно, велат од Москва, ќе следи и постапка за спроведување на судските одлуки на териториите на државите членки на ОН.



























