
Рускиот тим во ритмичка гимнастика се повлече од натпреварувањето на „Челенџ купот“ во романскиот град Клуж-Напока, откако организаторите, според нивните тврдења, забраниле истакнување на руското знаме и другите државни симболи за време на турнирот.
Одлуката предизвика остра реакција од Кремљ. Портпаролот Дмитриј Песков ја оцени како „скандалозна и произволна“, нагласувајќи дека руските гимнастичари имаат право да настапуваат под националното знаме и со химната на Русија.
„Ова е целосно произволна одлука на локалните власти“, изјави Песков, додавајќи дека односите меѓу Руската гимнастичка федерација и Светската гимнастичка федерација се целосно нормализирани.
Според Руската гимнастичка федерација, организаторите усно ги известиле дека на спортската арена нема да биде дозволено прикажување на руските државни симболи, по што било донесено решение тимот да се повлече од натпреварувањето.
Во меѓувреме, Светската гимнастичка федерација соопшти дека ваквата одлука на романските власти е спротивна на нејзиниот статут и на изменетите одредби од Олимписката повелба.

















