
Големи шумски пожари избувнаа во централниот дел на Грција, во близина на Агиос Василиос и кај Пелазгија, поради што грчките власти мобилизираа значителни противпожарни сили и го активираа системот за итно предупредување 112.
Во областа кај Агиос Василиос, во регионот Беотија, пожарот зафатил шумски предел, а граѓаните добија предупредување да останат во состојба на готовност и да ги следат упатствата на надлежните служби.
Во гаснењето на пожарот се вклучени 51 пожарникар, две специјализирани пешадиски единици и 17 противпожарни возила. Од воздух, акцијата ја поддржуваат три противпожарни авиони и три хеликоптери, од кои еден се користи за координација на операцијата.
Претходно во текот на денот избувнал уште еден пожар во областа Пелазгија, во општина Стилида. Според грчката противпожарна служба, огнот зафатил ниска вегетација на земјоделско земјиште, далеку од населени места и критична инфраструктура.
Надлежните служби продолжуваат со напорите за локализирање на пожарите, додека високите температури и сувото време дополнително го зголемуваат ризикот од нивно ширење.

















