
Девет лица се повредени во необична сообраќајна несреќа во Талин, Естонија, во која учествувале градски автобус и автономен робот за достава, пренесува ДПА.
Според исказите што ги прибрало претпријатието за јавен превоз во Талин — ТЛТ, роботот наводно влегол во раскрсница на црвено светло. Возачот на автобусот нагло закочил во обид да избегне судир, при што повеќе патници што стоеле паднале.
Од ТЛТ соопштиле дека се повредени девет лица и објавиле видеоснимка од настанот.
По ударот, роботот бил отфрлен преку патот, но потоа продолжил да се движи и го напуштил местото на несреќата.
„Роботот побегна, ако може така да се каже. Едноставно замина по судирот“, изјавил членот на одборот на ТЛТ, Андреј Новиков, за естонското радио.
Од компанијата „Старшип технолоџис“, која ги произведува роботите, навеле дека контактирале со полицијата и започнале внатрешна истрага за утврдување на околностите.
Претставникот на компанијата Пепе Авиксо изразил жалење поради несреќата и нагласил дека безбедноста е нивен врвен приоритет.























