
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека украинските сили се повлекуваат по целата линија на фронтот, оценувајќи дека Киев, поради состојбата на бојното поле, прибегнува кон „отворени терористички напади“.
Во обраќањето на конгресот на партијата Единствена Русија, Путин истакна дека западните држави, според него, ги игнорираат нападите врз цивилното население и инфраструктурата во Русија, додека истовремено продолжуваат со воведување санкции против Москва.
Тој порача дека Русија располага со доволно ресурси, сила и политичка волја за да се справи со надворешните притисоци и обидите, како што рече, да се ограничи нејзиниот развој.
Путин призна дека земјата се соочува со одредени предизвици, но нагласи дека институциите активно работат на нивно надминување и дека долгорочно ќе бидат обезбедени безбедноста на државата, граѓаните и руските граници.
Во своето обраќање тој потврди и дека изборите за нов состав на Државната дума ќе се одржат во септември, во согласност со законските процедури.
Украинските власти засега не ги коментираа изјавите на рускиот претседател за состојбата на фронтот и за обвинувањата упатени кон Киев.

















