
Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати силна порака по повод Денот на Уставот на Украина, нагласувајќи дека земјата останува непоколеблива и покрај повеќе од четири години војна.
„Лаврата стои. Света Софија стои. Тоа значи дека Киев стои. Украина стои – и ќе опстане“, порача Зеленски.
По повод националниот празник, во Киево-Печерската лавра за првпат беше организирана заедничка молитва на која присуствуваа свештеници од различни региони на Украина, вклучувајќи и области чии цркви биле оштетени или целосно уништени во руските напади.
Меѓу присутните имало свештени лица кои преживеале руско заробеништво, учествувале во одбраната на Мариупол, крштевале украински војници во опколената челичарница „Азовстал“, евакуирале деца од окупираниот Херсон и продолжуваат да им служат на своите заедници и покрај воените разурнувања.
Во своето обраќање Зеленски истакна дека токму овие луѓе ја симболизираат духовната сила, единството и истрајноста на украинскиот народ.
„Вистината секогаш победува“, порача украинскиот претседател, нагласувајќи дека Украина ќе продолжи да се бори за својата слобода, независност и иднина.
Заедничката молитва во Киево-Печерската лавра претставува силен симбол на единството на украинскиот народ во услови на војна, додека пораката на Зеленски беше насочена кон истрајноста на државата и вербата дека Украина ќе ја надмине најтешката криза во својата понова историја.

















