Најавата за тестирање на ракети-носачи на нуклеарно оружје во САД покажува дека Америка влегува во нова трка во вооружување, изјави претседателот на Институтот за светска политика Виктор Шлинчак во програмата на украинското „Радио НВ“.
Според него, и Трамп и Путин сè уште живеат во филозофијата на Студената војна, кога се закануваше со нуклеарно оружје и преку тестови се демонстрираше сила.
Шлинчак оцени дека нема никаква логика САД во овој момент да спроведуваат вакви тестирања на своја територија, бидејќи современите технологии овозможуваат да се процени доверливоста на ракетите без физички проби.
„Освен што овие тестови ја загадуваат животната средина, постојат бројни технолошки методи кои можат да укажат на евентуални дефекти во ракетите и подземните системи. Ова не е приказна за сила, туку за политика на покажување мускули“, објасни тој.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го вовлече американскиот лидер Доналд Трамп во бесмислена игра на демонстрација на моќ, која нема реална стратешка цел.
„Путин постојано го вовлекува Трамп во некаква игра која нема никаква смисла. Тоа е само обид да се одржи атмосферата на ривалство од минатиот век“, додаде Шлинчак.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуалните нуклеарни тестови во САД би можеле дополнително да ги зголемат тензиите меѓу Вашингтон и Москва, кои и онака се нарушени поради конфликтот во Украина и развојот на ново стратешко вооружување.























