Рускиот претседател Владимир Путин им нареди на своите сили до 15 ноември да го освојат Покровск, Мирноград и целата околна област во Донбас. Според извештаи, руските сили веќе контролираат околу 60% од Покровск, а таму се водат жестоки борби со украинските специјални единици под команда на Кирило Буданов.
Бившиот украински генерал Никола Маломуж вели дека Путин со ова сака политички ефект – да покаже сила пред Русија и светот, особено по последните дипломатски промени и контактите меѓу Трамп и Си Џинпинг.
Русија распоредила околу 17.000 војници со цел да го опколи градот и да ги пресече украинските линии на снабдување. Украинската армија испрати елитни единици за одбрана, а претседателот Зеленски изјави дека „Покровск е приоритет“.
Руското Министерство за одбрана тврди дека уништило украински специјалци кои биле спуштени со хеликоптер, но Киев го негира тоа.
Командантот на украинската армија, Олександар Сирски, потврди дека нема целосно опколување, но призна дека ситуацијата е „многу тешка“ и дека сите патишта за снабдување се под руски оган.
Американскиот Институт за проучување на војната (ISW) јавува дека Покровск е „сива зона“ – половина од градот е под контрола на Русија, а борбите продолжуваат со голем интензитет.































