Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, изјави дека НАТО активно развива и вежба механизми за блокада на Калининградската област, пренесува „Известија“. Според него, Алијансата го милитаризира регионот и постојано распоредува нови сили во балтичките држави, што Москва го гледа како дел од стратегија за притисок врз Русија.
Грушко порача дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства – од меѓународно право до воени мерки – за да ги заштити своите интереси и територијален интегритет. Калининград, најзападната точка на Русија и седиште на Балтичката флота, има клучно стратешко значење.
Американскиот генерал Бен Хоџис оцени дека во случај на напад на членка на НАТО, руските сили во Калининград и Севастопол би биле уништени за неколку часа.
Калининград, руската ексклава меѓу Полска и Литванија, каде се наоѓаат и нуклеарни сили, се смета за потенцијално жариште на директен судир меѓу Русија и НАТО. Областа историски припаѓала на Германија до 1946 година, кога е припоена кон Советскиот Сојуз.























