УТРО.мк

Путин испраќа 110.000 војници кон најжешката точка на фронтот: Нов руски притисок врз Покровск

Путин испраќа 110.000 војници кон најжешката точка на фронтот: Нов руски притисок врз Покровск
Vero

Русија концентрирала околу 110.000 војници во близина на градот Покровск, во обид да го освои овој стратешки важен град во источна Украина, изјави во петокот украинскиот командант, генерал-полковник Олександр Сирски.

„Регионот околу Покровск во моментов е најжешката точка по должината на 1.200 километри долгата фронтова линија“, нагласи Сирски.

Руските сили веќе речиси една година водат исцрпувачки офанзиви со цел да го заземат градот, но и покрај бројчаната и технолошката надмоќ, досега не успеале да воспостават целосна контрола.

Градот Покровск е од клучно значење за Кремљ, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин се стреми кон целосно заземање на украинските региони Доњецк и Луганск, кои делумно се под руска контрола уште од 2014 година.

Иако Покровск не е голем град, тој претставува важен сообраќаен јазол, поврзан со главни патишта и железнички линии кои водат кон воените центри Константиновка, Краматорск и Славјанск – клучни точки на украинската одбрана во Донечката област.

Повеќето од приближно 60.000 жители на Покровск го напуштија градот од почетокот на војната. Последниот активен рудник за кокс во Украина, кој се наоѓаше токму во Покровск, беше затворен на почетокот од оваа година, оставајќи зад себе малкумина работници.

Според анализите на американскиот Институт за проучување на војната (ISW), украинската одбрана успеала да нанесе значителни загуби на руските сили, принудувајќи ги да се откажат од директните фронтални напади. Особено ефективна била интеграцијата на беспилотни летала (дронови) во копнената стратегија на Киев.

Истовремено, Русија не успеала значително да ги засили трупите околу Покровск, бидејќи дел од нив биле пренасочени како одговор на изненадната украинска офанзива во руската Курска област.

Сирски неодамна изјави дека токму таа операција привремено врзала околу 63.000 руски и 7.000 севернокорејски војници, што ѝ овозможило на Украина да изврши прегрупирање на своите сили и да го намали притисокот на главните фронтови.

„Најавеното освојување на Покровск од септември 2024 година не се оствари, благодарение на нашите маневри во Курск“, рече Сирски.

Откако руските сили не успеаја да го пробијат фронтот директно, започнаа да се обидуваат да го опколат градот од југ и североисток. Најновиот извештај на ISW наведува дека руските војници сѐ почесто изведуваат напади со мали ударни групи од по еден или двајца војници, користејќи мотоцикли, теренски возила и баги.

Сирски предупредува дека Москва сѐ уште се обидува да ја пробие украинската одбрана и да стигне до административната граница на Донечката област.

„Целта не е само оперативна. Сакаат психолошки ефект – да забијат ‘руска чизма’ на украинска територија, да гоподигнат знамето и да прогласат уште една лажна победа“, заклучи Сирски.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран