
Два танкера со руски дизел, кои првично пловеле кон американскиот атлантски брег, ја смениле рутата, објави „Фајненшл тајмс“. Пренасочувањето го доведува во прашање планот на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на горивото во САД, додека пристигнувањето на другите пратки останува неизвесно.
Според весникот, Трамп во пресрет на конгресните избори се договорил со рускиот претседател Владимир Путин за испораки на дизел, со цел да ги намали цените на бензинските пумпи. Во меѓувреме, американските резерви на дизел паднале под 100 милиони барели, првпат по повеќе од две децении.
Танкерот „Леруо“ го навел Бразил како нова дестинација, додека „Талисман“ се вратил кон Средоземното Море. Според податоците за пловидбата што ги пренесува весникот, „Талисман“ се наоѓал во близина на алжирскиот брег и сигнализирал дека чека инструкции.
Танкерот „Агиои Фанендес“ и натаму пловел кон САД, но неговиот сопственик претходно изјавил дека пристаништето за истовар не е потврдено. Уште еден танкер, „Бист“, испраќал сигнал дека се движи кон Атлантикот, без наведено пристаниште за истовар.
Договорот предизвикал реакции и кај демократите и кај дел од републиканците во Конгресот. Гувернерката на Њу Џерси, Мајки Шерил, ги предупредила операторите на пристаништата и терминалите во сојузната држава дека ќе се соочат со казни доколку прифатат танкери со руски дизел.
Мет Смит, аналитичар во „Кплер“, оценил дека и танкерот што се очекува кај Њујорк би можел да ја смени рутата, бидејќи американските купувачи се воздржуваат поради прописите и санкциите. Според „Фајненшл тајмс“, цената на дизелот на американските пумпи се движела околу 6,27 долари за галон, близу рекордното ниво од септември.























