Најмалку 55 лица го загубија животот во стравичниот пожар што зафати голем станбен комплекс во Хонг Конг. Властите соопштија дека огнот е ставен под контрола.
Пожарот е целосно изгаснат во четири облакодери, а преостанатите три се под контрола. Повеќе од 1.200 пожарникари со 304 противпожарно-спасувачки возила учествуваа во акцијата, потврди пожарникарската служба.
Спасувачите започнаа пребарување на дел од зградите, а најмалку 279 лица и понатаму се водат како исчезнати. Четириесет и пет лица се во критична состојба.
Повеќе од 900 луѓе се евакуирани во привремени засолништа додека спасувачките екипи продолжуваат со работата. Полицијата уапси двајца директори и консултант на една градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност.
Бројот на загинати продолжи да расте – според последните информации на градската противпожарна служба, 55 лица се потврдени како мртви, а најмалку 123 се повредени, јавува CNN. Меѓу повредените има и осум пожарникари.
Според претходните податоци, по избувнувањето на пожарот се трага по 279 лица, но пожарникарските служби сè уште немаат нови официјални информации за точниот број на исчезнати.























